Универзитет во Тетово прв финалист на одбојкарскиот плеј-оф

Полуфиналето во Првата македонска машка одбојкарска лига се одивива според очекувањата. Универзитет во Тетово двапати го совлада Вардар во саботните натпревари одиграни во Тетово според договор на двете екипи и без никакви дилеми го заработи финалниот билет. Второпласираниот состав во основниот тек од првенството немаше никакви проблеми и не загуби ниту еден од шесте сета во полуфиналната серија со црвено-црните, кои еднаш сезонава го совладаа противникот, но ниту еднаш во пролетниот дел во којшто Универзитет триумфираше петпати во меѓусебните средби. Вкупниот биланс од 6-1 во полза на тетовскиот клуб зборува доволно во насока на тоа каков беше односот на силите по зимската пауза.

Кога се споредува квалитетот, идентично е и во полуфиналната серија меѓу Џио Струмица и ГОК Борец. Најдобрата екипа во основниот дел од сезоната се радуваше во првата средба со 3-0, а утре на реваншот во Велес се очекува да ја продолжи серијата победи во меѓусебните дуели и да го потврди влезот во финалето коешто е предвидено да почне в петок. Во него освојувачот на Купот за 2021 година, Џио Струмица, ќе влезе со почетна предност, а тетовци ќе играат на домашен терен во првиот меч.

Прва лига (мажи), полуфинале (први натпревари)
Универзитет во Тетово – Вардар 3-0 (25-15, 25-12, 25-14)
Џио Струмица – ГОК Борец 3-0 (25-22, 25-11, 25-22)

Прва лига (мажи), полуфинале (втори натпревари)
Вардар – Универзитет во Тетово 0-3 (20-25, 14-25, 16-25)
ГОК Борец – Џио Струмица (вторник)