Универзитет Тетово и Работнички Жени пред портите на финале во Купот

Екипите на Универзитет Тетово во машка и Работнички-Жени во женска конкуренција се блиску до пласман во финалето од одбојкарскиот Куп на Македонија.

Одбојкарите на Универзитет Тетово третпат сезонава го совладаа Вардар во меѓусебните дуели, но овој пат во полуфиналето од Купот, на гостински терен во Скопје со 2-3 (22-25, 21-25, 25-17, 25-23, 12-15)

Моќниот напад во првите два сета на тетовчани им овозможи предност од 2-0, по што ланскиот вицешампион се консолидира и со седум блока во третиот и три грешки помалку во четвртиот сет, успеа да израмни на 2-2. Сепак, во тај-брејкот, Универзитет Тетово одигра посмирено и се доближи до првото финале во клупската историја.

Реваншот е на 10 април под Шара, каде што сезонава во лигашките натпревари Вардар претрпе два пораза, притоа освојувајќи само еден сет. Во второто полуфинале за сезоната 2018/2019, бранителот на ланската двојна круна, Џио Струмица, ќе игра со Шутова (10 април).

Во женска конкуренција, екипата на Работнички- Жени е во уште подобра позиција отколку Универзитет Тетово, затоа што во првата пресметка од полуфиналето во Купот славеше на гости кај големиот ривал Работнички-Скопје со 3-1 (29-27 25-20, 19-25, 25-13)

Текот на натпреварот го одреди првиот, маратонски сет, којшто содржеше 56 поени. По него, лидерот во првенството имаше целосна контрола и на крајот третпат сезонава успеа да победи против Работнички – Скопје со резултат 3-1, но првпат на теренот на противникот. Иако уште се можни сите резултатски опции, составот на Работнички-Жени е блиску до настап во финалето, на коешто се надеваат и Наковски волеј и Пелистер волеј.

Нивното прво соочување од двомечот е закажано за 10 април, а кој и да победи, првпат ќе игра во финале на Купот.