Универзитет Тетово без загубен сет слави во дербито против Вардар

Универзитет од Тетово ја продолжи добрата серија на стартот од одбојкарската сезона во Македонија и се радуваше на тешкото гостување во Скопје кај Вардар со 0-3. Тетовчани со 25-19, 25-22 и 25-21 ги добија трите сета и не му дозволија на ривалот да се надева на триумф.

Дуелот на тимовите кои досега немаа загубен сет, замина за гостинската екипа, која прикажа убедлива игра и во клучните моменти беше подобар ривал. Воведниот сет, Универзитет од Тетово го доби релативно лесно со 19-25. Сепак, „црвено-црните“ пружија силен отпор во вториот и водеа, ама не успеаа да го добијат и на крајот го загубија со 22-25. 

Како и во воведните два, Универзитет го контролираше резултатот и во третиот сет од натпреварот. Вардар можеше само да ги следи и да се надева дека ќе влезат во серија на грешки, па ќе може да се врати во мечот. Екипата од Тетово доби седум меч топки, Вардар спаси три, ама следеше сервис грешка и го загуби со 21-25.

Најефикасен играч на натпреварот беше Адриатик Бериша од тетовчани со 21, Бојиќ имаше 10, а Генов запиша шест поени. Кај Вардар единствен двоцифрен беше Стојан Илиев со десет, додека девет имаше искусниот Симовски.

Трето коло:
Шкендија – Весна Пробиштип 3-0 (25-20, 25-17, 25-5)
Штип УГД Штип – Дибра волеј 3:0 (25-15, 25-14, 25-11)
Џио Струмица – Јанта волеј 3-0 (25-16, 25-17, 25-18)
ГОК Борец – Лирија 3-1 (19-25, 25-20, 25-11, 25-16)
Вардар – Универзитет во Тетово 0-3 (19-25, 22-25, 21-25)

Универзитет се приклучи на Џио Струмица и Шкендија и остана максимален по три кола, додека Вардар ќе мора да се задоволи со двете победи во првите две средби.