УГД Штип не успеа да му парира на италијански Милано

Одбојкарите на УГД Штип загубија со 0-3 (12-25, 14-25, 20-25) од Пауерволеј Милано во првиот меч во 1/16 финалето од ЦЕВ Челинџ Купот во салата "25 Мај" во Радовиш.

Тимот на Кристијан Ристески се обиде да понуди отпор на фаворизираниот противник, но немаше ниту сила, ниту искуство за нешто повеќе.

Целта на македонскиот претставник беше да понуди убава одбојкарска претстава со италијанскиот ривал и да ужива во фактот дека стигна до главната рунда во премиерниот настап на европско тло.

Репрезентативецот Стојан Илиев со девет поени беше најрасположен, следен од Стефан Алексов со шест поени.

Реваншот од оваа фаза во Челинџ купот македонскиот претставник го игра на 6 јануари 2026 година во Милано.