УГД Штип е на една победа од обединување на „двојната круна“

Одбојкарскиот клуб УГД Штип е на чекор до шампионската титула и обединување на круните во домашната сцена откако вечерва на гостувањето во Велес славеше со 0-3 (24-26, 14-25, 23-25) над Борец во вториот натпревар од финалето на плејофот во Првата лига мажи.

Велешкиот состав мотивирано влезе во дуелот, имаше и водство од 7-1, односно 20-17 во финишот на сетот, но израмнувањето дојде на 21-21, а во играта на нерви гостите ја искористија третата сет топка за 24-26 и водство од 0-1.

Во вториот сет штипјани имаа комплетна контрола, додека во третиот сет Борец „бркаше“ резултат до 19-19 за нови возбудувања во финишот. УГД Штип направи помалку грешки во клучните моменти и тоа им донесе максимална победа, втора во серијата.

Махди Задмард со 17 поени беше најефикасен играч на мечот, следен од Јуниор со 13 поени, односно Стојан Илиев со девет. Во редовите на ГОК Борец, Оливеира постигна 11 поени, додека Бастос и Лепидовски имаа по 10 поени.

Третиот натпревар во серијата се игра во Штип, на 24 април (петок) од 19 часот.