Турција со моќна партија ѝ го нанесе третиот пораз на Македонија на ЕП

Репрезентацијата на Македонија во одбојка го доживеа и третиот пораз на Европското првенство, откако убедливо со 3-0 загуби од фаворитот Турција. Избраниците на Душко Николиќ немаа сили да парираат против поквалитетниот ривал, одиграа рамноправно само во првиот сет, но потоа попуштија и беа целосно надиграни. 

„Спартанците“ тргнаа одлично, поведоа со 3-0 уште на стартот од сетот и најавија борба. Сепак, ривалот веднаш се врати, со две серии од по 3-0 ја презеде предноста и добро го продолжи првиот сет. Турците контролираа, Македонија парираше и, иако неколку пати се враќаше до егал, а еднаш и поведе, квалитетот исплива на површина и нашите одбојкари го загубија сетот со 25-22. 

Во продолжението, играта на момците на Николиќ се распадна. Од друга страна, Турција квалитетно ги користеше своите шанси, тргна со неверојатни 6-0 и најави дека нема да запре. Македонија немаше решение за добрите напади на ривалот, па изгледаше дека ќе доживее дебакл. Највисоката предност во вториот сет, Турците ја имаа со 19-5, кога дојдоа на високи +14. До крајот, рутински ја завршија својата работа и поведоа со 2-0 (25-12).

Македонија респектабилно тргна во третиот сет, бидејќи често беше во предност и имаше контрола на резултатот до 10-8. Сепак, следеше „црн“ период и серија од 11-0 на Турција, која го реши натпреварот во тие минути. Откако убедливо поведоа, ривалите на Македонија не запреа, па со 25-15 ја завршија својата работа. 

Четвртата пресметка на ова Европско првенство за Македонија е закажана веќе утре, со почеток од 16:00 часот и дуелот со Шпанија.