Турција по трилер меч и пет сета ја совлада Кина за полуфинале

Одбојкарките на Турција се пласираа во полуфиналето на Олимписките игри, откако славеа во драматичен меч против Кина во пет сета (3-2). Така оваа балканска селекција се наоѓа на чекор до медал, што би бил историски успех за турската одбојка.

Во израмнетиот прв сет, кинеските одбојкарки имаа повеќе концентрација и подобар блок во финишот и го добија сетот со 25-23. Сепак, Турчинките реагираа и водени од Варгас во вториот сет доминираа и го добија овој период со 25-21. 

Баладин и Калач одлично го започнаа третиот сет, турскиот блок подобро функционираше и селекцијата водена од Италијанецот Сантарели поведе со 15-10. Иако кинеските коректорки полека ја топеа предноста на европската селекција, Варгас пак ги презеде работите во свои раце и го заврши сетот во полза на турската селекција (26-24). 

Азискиот шампион се потпре на Ксиа и Лину и се одлепи на +7 во четвртиот сет. Турција намали на 19-16 и бодрена од гледачиштето, се обиде да се врати во неизвесен финиш. Сепак, сервис грешките на Турчинките пресудија и Кина издејствува петти сет (25-21). Во решавачкиот сегмент Турција беше селекцијата која се радуваше, откако со 15-12 го реши сетот во своја корист.

Селекцијата на Турција во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од последното денешно четвртфинале меѓу Италија и Србија.