Турција недорасната за Италија, „aѕурите“ доминантно до место во четвртфиналето

Во дуелот на непоразените во групата Ц, репрезентацијата на Италија ја оправда фаворитската улога и славеше над селекцијата на Турција со максимални 3-0, по сетови 25-14. 25-16 и 25-21. Така со три победи девојките на Хулио Веласко уште еднаш покажаа дека се главен фаворит за освојување на златниот медал. 

„Аѕурите“ покажаа дека се поквалитетен противник и сосема заслужено остварија триумф со кој го потврдија првото место во групната конкуренција. Сила и Егону доминираа, а Оро блескаше на блок. Варгас единствена парираше, но само во третиот сет, а тоа не е доволно да се победи светска одбојкарска сила. Турчинките, водени од младиот италијански стручњак Сантарели, одиграа добро само во третиот сет и внесоа многу мала неизвесност, но немаа сили за било какво изненадување и евентуално враќање во мечот. 

Италија доминантно се прошета низ теренот, а победата ја потврди со асот на Паола Егону. Toкму двете црномурести девојки кај Италија и коректорот Данеси блескнаа, а кај Турција, Варгас и Балаган собраа заедно 19 поени. 

Двете селекции обезбедија пласман во четвртфиналето, но Италијанките го остварија тоа со максимални три победи. Своите противници двете репрезентации ќе ги дознаат вечерва по одигрувањето на преостанатите натпревари од третото коло од групниот сегмент.