• Саше Љолес
Репрезентацијата на Турција е вториот финалист во одбојкарската Лига на нации, откако забележа убедлива победа над Кина со сигурни 3-0 во сетови (25-21, 25-15 и 25-20).
Турчинките одиграа одличен полуфинален меч и не дозволија никакво изненадување, со што сосема заслужено обезбедија учество во натпреварот за златниот медал. Беа доминантни во текот на сите три сета, не оставајќи му можност на ривалот за било какво враќање во резултатска смисла.
Варгас беше најдобра во победничкиот тим со 25 поени, а десет помалку имаше Ајдин. Во тимот на Кина, петнаесет поени имаше Јин Жуанг.
Во финалето, противник ќе им биде селекцијата на Бразил, која претходно направи подвиг и ја елиминираше фаворизираната репрезентација на Италија.