Туниски коректор ја засилува Струмица Никоб за европските натпревари

Нашиот одбојкарски шампион, Струмица Никоб, засилено се подготвува за новото европско претставување во најсилното одбојкарско клупско натпреварување, Лигата на шампионите на ЦЕВ. Нашиот најтрофеен клиуб кон крајот на следниот месец во првата фаза на натпреварувањето заминува на турнир во Бургас, каде ќе се бори за едно од двете места кои водат во втората фаза од квалификациите за влез во главната рунда на Лигата на шампионите.

За таа цел, раководството на тимот деновиве е растрчано за да го комплетира ростерот кој ќе има достоинствено претставување во најсилното клупско натпреварување. По најавта дека е договорен трансферот на Бен Талеб, кој по една сезона се враќа во „старото јато“, Струмица деновиве договори уште едно засилување од Тунис.

Во Струмица ќе пристигне Саад Ом Хени, кој треба да ја засили позицијата коректор. Станува збор за одбојкар кој во дресот на нашиот првак доаѓа од тунискиот клуб Сфакс.

Претседателот Милев е во потрага и на адекватно странско засилување на центарската позиција, но засега клубот не потпишал договор со неколку од имињата со кои се разговара.