Три екипи се издвоија на врвот во Втората фаза на женскиот одбојкарски шампионат

Шест домашни и една гостинска победа содржеше почетокот на Втората фаза во женскиот македонски одбојкарски шампионат. Во елитниот дел славеа екипите коишто имаа најдобар ефект во воведната етапа од сезоната и на тој начин уште повеќе ја зголемија предноста во трката за полуфинале. Вардарки останаа на чело на табелата откако лесно го совладаа Универзитет во Тетово со само 30 загубени поени. Тоа значи дека имаат максимални седум победи, исто како и одбојкарките на Јанта волеј Кисела вода, но досега освоија два бода повеќе, со напомена дека по оваа рунда е зголемена и разликата во поглед на сет-количникот. Тимот од Кисела вода загуби сет на домашен терен од Наковски волеј, но сепак ја заврши работата, па во меѓусебните дуели со Вардар жени и со Работнички Скопје ќе одлучува за пласманот во Втората фаза -1. Последниот освојувач на двојната круна кај нас се радуваше во пресметката со Струмица жени со 3-0, но по голема битка што е видливо од резултатот во сетовите. Работнички Скопје има шест триумфи досега, еден помалку од водечките екипи, но солидни две повеќе од струмичките тимови и од Универзитет во Тетово.

Во таканаречената Втора фаза -2 во којашто осум екпи играат за конечен пласман во сезоната 2020/21, Пелистер волеј ја задржа првата позиција пред Фит фан волеј поради тоа што има подобар поен-количник. Битолчанки беа поуспешни од Бами Кор, а дебитантот во лигата од староседелецот Македонија Макс. Четири победи има и составот на Јанта волеј Форца којшто славеше над УГД Студент жени со 3-0, но во во овој првенствен дел влезе со еден загубен сет повеќе од конкурентките, па затоа остана третопласиран. Значајна победа забележа и Ускана во Струмица кај Виктори волеј, но не успеа да го мине противникот на четвртото место. Од шестото до осмото се УГД Студент жени со една и Македонија Макс и Бами Кор без ниту една победа.

Втора фаза -1 (Прво коло)
Вардар жени – Универзитет во Тетово 3-0 (25-7, 25-12, 25-11)
Работнички Скопје – Струмица жени 3-0 (28-26, 25-23, 25-20)
Јанта волеј Кисела вода – Наковски волеј 3-1 (16-25, 25-18, 25-18, 25-19)

Втора фаза -2, (Второ коло)
Фит фан волеј – Македонија Макс 3-0 (25-12, 25-19, 25-19)
Пелистер волеј – Бами Кор 3-0 (25-11, 25-22, 25-3)
Виктори волеј – Ускана 0-3 (11-25, 20-25, 23-25)
Јанта волеј Форца – УГД Студент жени 3-0 (25-19, 25-23, 25-15)