• Саше Љолес

Олимпиското злато ќе остане сон за уште една одлична генерација на италијанската одбојка. По четири победи по ред „аѕурите“ на Фердинандо де Џорџи „заглавија“ и го одиграа најслабиот натпревар кога најмногу требаше. Репрезентацијата на Франција приреди мало изненадување и во вториот полуфинален натпревар го елиминира актуелниот светски шампион, Италија, со максимални 3-0, по сетови 25-20, 25-21, 25-21. Така, олимпискиот првак од Токио пак ќе игра за златниот медал, а иронијата да биде поголема, завршниот натпревар го избори со италијанската легенда Андреа Џани на клупата.
„Аѕурите“ беа изненадени од мотивираниот пристап на домаќините и немаа одговор на нивната цврста игра, а Франција во нападот беше немилосрдна и успеа да ги освои сите клучни поени кои ја направија разликата. Нгатен блескаше. Бизар и Пати го следеа, а блокот и физичката сила на „галските“ петли беше евидента. Иако во првите два сета Италија беше рамноправна и подобра до вториот технички тајм-аут, сепак немаше одлучност и каризматичност во клучната фаза од сетовите и сите три ги загуби без да го даде најдоброто од себе.
Французите успеаја да ја израдуваат многуилјадната домашна публика во „Франс суд Арена“ и по вторпат во низа се пласираа во големото финале, каде ќе го бранат олимпискиот трон од селекцијата на Полска.
Клевено со 17 и Нгатеп со 15 поени беа најдобри и најефикасни француски одбојкари, а блескаше и либерото Гравеников. Кај Италија најпозитивен беше Микелето, иако и тој и Јури Романо не одиграа на нивото и рејтингот кој го имаат.
Натпреварите за медали се играат во петок и во сабота во „Франс суд Арена“ во Париз.