Суспендирани двете одбојкарски екипи на Вардар заради неподмирени финансии

Одбојкарската федерација на Македонија изрече суспензија за сениорските екипи на Вардар (мажи и жени) поради неподмирени финансиски обврски. Така, викендов нема да се игра натпреварот со Весна Пробиштип кој што беше закажан за утре од 17:00 часот во малата сала на СРЦ „Кале“ во Скопје. Тоа ќе биде шанса за бранителот на двојната круна, екипата на Џио Струмица, со успешен настап против УГД Студент в понеделник да се изедначи со лидерот на табелата според бројот на победи.

Во есенскиот дел од шампионатот, Вардар оствари максимални осум, а Џио Струмица седум триумфи. Штипјани во првиот сегмент од сезоната забележаа четири победи, беа петтопласирани и успеаја да влезат во Втората фаза-1. Првиот меѓусебен дуел сезонава актуелниот првак го доби на гостински терен со 3-0.

Поголема доза неизвесност се очекува на локалното дерби меѓу Универзитет во Тетово и Лирија. Тоа ќе биде пресметка за третата позиција на табелата затоа што Лирија има шест, а Универзитет во Тетово пет победи досега и бод помалку од ривалот којшто славеше со 3-0 есеноска. Но во предониот рок, Универзитет во Тетово значително се засили, па на овој натпревар важи за благ фаворит.

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (Прво коло)
Џио Струмица – УГД Студент
Универзитет во Тетово – Лирија 
Вардар – Весна Пробиштип 

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (Прво коло)
ГОК Борец – Дибра волеј

Во Втората фаза-1, ќе бидат одиграни десет кола според двокружен систем, а првите четири екипи ќе се пласираат во полуфиналето на разигрувањето.