Струмички Наковски волеј повторно е дел од проектот на ЦЕВ и на ОФМ

Потребата да се работи на масовност на македонската одбојката можеби најмалку треба да се апострофира во Струмица, но елементарна логика е дека секое ново дете коешто ќе дојде на тренинг, во иднина може да биде носител на играта на некој прволигашки клуб или на нашата репрезетнација. Тоа недвосмислено го потврдуваат примерите со низа генерации создадени во најодбојкарскиот град кај нас.

Токму затоа училиштниот проект на ЦЕВ, чијшто партнер во минатите две години е Одбојкарската федерација на Македонија, се уште привлекува внимание кај нашите клубови. Последен во низата е ОК Наковски волеј кој повторно организираше тренинг со присуство на дваесетина деца на училиштна возраст, прикажувајќи им ги основните елементи на одбојката преку интересни и современи игри.

Наковски волеј во минатите неколку сезони имаше значајна улога во анимирањето одбојкарки од Струмица во повеќе возрасни категории, а најголемиот клупски успех беше настапот во финалето на македонскиот куп. Неговото учество во училиштниот проект на ЦЕВ и на ОФМ е само уште една искра во одржувањето на одбојкарскиот оган во овие предизвикувачки времиња не само за спортот, туку и за секој сегмент од човековото живеење. Оттука, одржувањето вакви настани дава оптимистички тон, а кој знае, можеби и ќе биде симболично или, пак, реално прв чекор за некоја нова струмичка и македонска одбојкарска ѕвезда.