Струмичани единствени победија во гости, триумф и за Лирија и УГД Штип

Фаворитите на победничка, аутсајдерите на поразена страна, ГОК Борец се пласираше во Втората фаза -1, Универзитет во Тетово го загуби првиот сет сезонава, па Џио Струмица се врати на врвот во Првата лига (мажи) во пресрет на најголемото дерби досега во сезоната. Тоа се карактеристиките и последиците на осмото коло во најсилната македонска одбојкарска конкуренција пред натпреварот во салата „Парк“ во којшто ќе сервираат двете најдобри екипи со идентичен број победи, по осум, со идентичен број бодови, по 24, со идентичен сет-количник (24-1), а единствено со различен однос на освоени и на загубени поени. Токму поради тој параметар, Џио Струмица во дербито ќе влезе од првата, а тетовци од втората позиција на табелата. Дуелот може да разјасни неколку прашања: кој ќе биде прв по овој натпреварувачки сегмент, со оглед дека оваа пресметка е последна од неа, а е во рамки на осмото коло, како и тоа дали освојувачот на двојната круна кај нас ќе ја продолжи доминацијата во меѓусебните дуели. Во последните две сезони, Џио Струмица има четири триумфи на четири средби од коишто три беа на гостински терен. Но ова е се поинакви околности, Универзитет ги потврди големите амбиции со триумф над Вардар со 3-0 во Скопје, а соочувањето со струмичани ќе биде уште една шанса за нивно остварување. Двата тима досега немаа вистинска можност за тест на сопствениот квалитет на домашната сцена и дербито е значајно и од тој аспект, зашто може да даде пореална слика за подготвеноста на македонските репрезентативци пред јануарските квалификации за Еввопското првенство во 2021.

За разлика од дилемата за врвот којашто беше јасна уште пред неколку недели, битката за четвртото, последно место за учество во Втората фаза -1 траеше се до минатиот викенд, односно до завршното коло од првата натпреварувачка етапа. Шкендија, сепак, немаше сили во градскиот меч со Универзитет во Тетово, па иако го доби првиот сет, претрпе пораз и не успеа да го достигне ефектот ГОК Борец. Велешани загубија кај Вардар со 3-0, но претходно се радуваа на шест победи, една повеќе од Шкендија, а со тоа ја заслужија привилегијата да бидат во друштво на Џио Струмица, на Универзитет во Тетово и на Вардар. Овие четири екипи ќе вкрстат и во полуфиналето од разигрувањето, но претходно ќе одиграат четирикружно во Втората фаза -1, вкупно 12 кола, секој со секого дома и на гости по двапати, а на тој начин ќе одредат кој од која позиција ќе почне во елиминацискиот дел.

Другите ќе играат во Втората фаза -2 двокружно, значи десет кола секој со секого дома и на гости по еднаш и ќе го одредат конечниот пласман за тековната сезона. Во оваа конкуренција, Шкендија ќе почне со пет победи, Штип УГД Штип со четири откако викендов славеше над Јанта волеј со 3-0, додека, пак, Лирија има три триумфи, последниот во саботата против Весна Пробиштип, исто така со 3-0. Јанта волеј е претпоследен со една победа, а Дибра волеј којашто вчера играше со Џио Струмица и освои 34 поени, засега нема ниту освоен сет.

Деветто коло:
Вардар – ГОК Борец 3-0 (25-19, 25-19, 25-18)
Универзитет во Тетово – Шкендија 3-1 (26-28, 25-18, 25-18, 25-18)
Штип УГД Штип – Јанта волеј 3-0 (25-20, 25-18, 25-17)
Лирија – Весна Пробиштип 3-0 (25-20, 25-17, 25-12)
Дибра волеј – Џио Струмица 0-3 (14-25, 11-25, 9-25)

Осмо коло:
Џио Струмица – Универзитет во Тетово (денес, 17:30)