Струмица се врати од 2-0 до победа на дербито во Штип!

Шампионот Струмица му го расипа беспрекорниот учинок на лидерот УГД Штип, откако вчера на гостински терен во рамките од 9. коло во Првата лига му го нанесе првиот пораз сезонава, со 2-3 (25-19, 25-12, 23-25, 23-25, 12-15). 

Домаќинот самоуверено го отвори натпреварот и имаше сигурно водство од 2-0 во сетови, но струмичани не се предадоа. Во следните два сета комплетно се вратија во игра и израмнија (2-2). Во тај-брејкот Струмица отвори фуриозно со 6-1, односно 9-4, а потоа го добија решавачкиот сет и го комплетираа пресвртот за важна победа.

Јован Милев со 20 поени беше лидер на Струмица, следен од Кристијан Илијев со 17. Во редовите на Штип УГД, Махди Задмард со 22 поени беше најдобар поентер на мечот додека Стојан Илиев имаше 18 поени.

Штип УГД и покрај поразот останува на лидерската позиција на табелата со бод повеќе од второпласираната Струмица.

Фото: ОК Штип УГД/Горан Стаменков