Струмица пак загуби од Олимпијакос и го заврши настапот во квалификациите за ЛШ

Македонскиот шампион Струмица со втор пораз од Олимпијакос (3-0) го заврши настапот во квалификациите за Лигата на шампионите на ЦЕВ. Струмичани по домашниот пораз во три сета, беа немоќни да го изненадат фаворитот и на гостински терен вторпат загубија.

Олимпијакос покажа дека во моментов е поквалитетен, па иако македонскиот тим парираше, немаше сили за подвиг. Првиот сет Грците го освоија со 25-19, вториот беше најслаб за Струмица бидејќи заврши со 25-17. 

Веќе во третиот македонскиот првак пружи отпор и освои најмногу поени, меѓутоа и тоа не беше доволно за да освои сет (25-21). 

Во редовите на Струмица најдобар поединец беше Стојан Илиев со 12 поени, додека Волков и Милев завршија со по девет, а кај Олимпијакос се истакна Атанасијевиќ со 19. 

Со оваа елиминација не заврши европскиот пат на Струмица, бидејќи сега клубот се префрла во ЦЕВ купот.