Струмица Никоб безгрешно до јубилејната „десетка“ во мак-одбојката!

Одбојкарите на Струмица Никоб дојдоа до целта и безгрешно ја одбранија титулата во Првата македонска одбојкарска лига, откако со максимални 3-0 го совладаа ГОК Борец. Кога беше најпотребно, одбојкарите на бранителот на тронот покажаа карактер и во целата серија загубија само еден сет, за доминантно да го обезбедат трофејот. 

Струмичани ја решија финалната серија без грешка, а одлучувачкиот натпревар го одиграа пред своја публика. Шампионот славеше со 3-0, го доби првиот сет најубедливо со 25-18, Борец парираше во вториот и се бореше до 26-24, додека третиот заврши со 25-19. 

Кај Струмица Никоб, Милев и Хараба освоија по 12 поени, Алексов имаше 10, Наков 8, Михаилов 7, Глобоцки 5, а Ефтим Ричлиев еден поен. Во вицешампионскиот тим на ГОК Борец, Волков заврши со 14 и Костиќ со 10 поен, Димовски додаде девет, Лепидовски 5, Андовски со 4, а Ивковиќ со еден поен.

Ова за Струмица Никоб е јубилејна десетта титула во одбојкарскиот шампионат. Сезонава тие се бореа и во европските купови, имаа свои претстави на евро-сцената, а можеби ќе настапат и во следната сезона.