Струмица немоќна, Олимпијакос со сигурна победа во „Парк“ во ЛШ

Македонскиот одбојкарски шампион, Струмица, многу веројатно својот настап во Лигата на шампионите ќе го заврши уште во првото коло. Струмичани забележаа висок пораз од 0-3 (15:25, 17-25 15-25) од грчкиот првак Олимпијакос во првиот натпревар од воведното коло од одбојкарската елита.

Во салата „Парк“ во Струмица гостите во целост ја оправдаа улогата на фаворит во овој двомеч. Нашиот првак одработи квалитетни подготовки, својот ростер го засили со одлични одбојкари, но сепак, вечерва беа далеку од играта која што ја покажаа гостите од Атина.

Трите сет завршија речиси со идентичен резултат. Во првиот и третиот сет Струмица успеа да освои по 15 поени, додека во вториот сет стигна до бројката од 17 освоени поени. Волков беше најефикасен во домашниот состав со осум поени, а на спротивната страна блескаше Атанасијевиќ со 18 поени.

Реванш средбата во Грција е закажана за на 24 септември во Атина, а на истата македонскиот првак ќе има шанса да го поправи впечатокот од вечерашното издание пред својата публика. Доколку биде елиминирана, Струмица ќе го продолжи меѓународниот настап сезонава во Купот на ЦЕВ каде би го чекала победникот од двомечот меѓу Инсбрук и Капошвар.