Струмица го загуби првиот сет сезонава, но го доби дербито со Шутова

Лидерот Џио Струмица со пресврт ја совлада значително засилената Шутова, но го загуби првиот сет сезонава во шампионатот на Македонија. Засилувањата во составот на тренерот Бејтула Емини имаа сила за еден сет во Струмица, но Бразилецот Коељо, Србинот Суботиќ, Украинецот Азаров, како и долгогодишниот македонски репрезентативен среден блокер Ѓоко Јосифов, уште на првиот меч во црвено-црниот дрес потврдија дека ќе бидат столб на тим којшто може да игра рамноправно против кој било противник.

Но, гостите не можеа да го одржат ритамот, а шесткратниот првак и актуелен освојувач на двојната круна и се израдува на десеттата победа сезонава. Струмичката публика на вчерашниот дуел со Шутова го поздрави враќањето на репрезентативецот Славе Наков во составот на тренерот Кирил Ричлиев, кој не можеше да смета на услугите на повредениот Александар Ричлиев.

Втора фаза - Прво коло:
Џио Струмица – Шутова 3-1 (19-25, 25-23, 25-18, 25-14)
Универзитетво Тетово – Лирија 3-0 (25-11, 25-15, 25-10)
Вардар - Весна Пробиштип 3-1 (25-27, 25-21, 25-11, 25-19)
Јанта волеј – „Дибра волеј 3-1 (21-25, 25-10, 25-17, 25-12)
УГД Студент – ГОК „Борец 3-0 (25-13, 28-26, 25-14)

Струмица е лидер со максимални 30 бода, три повеќе од второпласираниот тим Универзитет во Тетово.