Струмица го урна митот за непобедливите вардарки

Екипата на Струмица жени оствари голема победа на гостувањето кај Вардар жени 2019 во четвртото коло од Втората фаза-1 во нашата најсилна женска одбојкарска конкуренција. За црвено-црните од Скопје тоа беше прв пораз сезонава, но и покрај тоа што не успеаја да го задржат максималниот биланс, одбојкарките на Вардар се уште се на чело на прволигашката табела.

Со идентичен ефект (9-1) е и Јанта волеј Кисела вода откако на составот на Работнички жени му го нанесе вториот пораз по ред, вкупно трет, а со тоа го симна на четвртата позиција. Трет е тимот на Струмица жени којшто против вардарки се радуваше седмипат сезонава, но по значајниот триумф во Скопје, поради подобар сет-количник го потисна последниот освојувач на двојната круна во македонската женска одбојка.

Во пресрет на петтото коло од овој натпреварувачки сегмент, две екипи од најдобриот квартет имаат по девет, а две по седум победи, што е најава дека до крајот на Втората фаза-1 може да има промени на табелата коишто ќе влијаат на формирањето на полуфиналните двојки од разигрувањето. Со оглед на четирите порази во серија, јасно е дека Универзитет во Тетово не може да се надева на пласман во првата четворка, но откако славеше кај ривалот во меѓусебното соочување во саботата, а со тоа ја прекина низата од три порази, Наковски волеј се уште има математика за да стигне до елиминацискиот сегмент. Струмичките одбојкарки од Наковски волеј досега славеа петпати и се наоѓаат на петтата позиција со две победи помалку и со шест бода негатива во однос на Работнички Скопје и на Струмица жени. Ако сакаат да исчекорат, тогаш треба да влезат во победнички ритам против фаворитите, а тоа значи дека треба да го совладаат ранетиот Вардар во наредното коло. Доколку загубат, за нив ќе остане само теорија за влез во полуфиналето.

Поради временските околности, во Втората фаза-2 викендов беа одиграни само два од четирите предвидени натпревари. Пелистер волеј и Виктори волеј, како и Македонија Макс и Ускана ќе се соочат во некој дополнително одреден термин, а во дуелот на двете најдобри екипи од овој првенствен сегмент, Фит фан волеј се радуваше над Јанта волеј Форца со 3-0. Сепак, вистинскиот впечаток за овој меч го дава резултатот во сетовите со оглед дека последниот заврши на разлика, а во другите два, негативата на гостинскиот тим беше пет и три поени. Дебитантот во лигата, Фит фан волеј, славеше четиртипат едноподруго и сега има седум победи, една повеќе од саботниот противник. За одбележување е и првиот освоен бод сезонава на Бами Кор, во средбата со УГД Штип на свој терен. Тетовки водеа со 1-0 и со 2-1, а потоа не успеаја да ја завршат работата до крај и премиерно да триумфираат, но и овој резултат е успешен за нив. Со пет победи на десет средби, штипјанки се петти во ова друштво, а тоа одговара на 11. место во конечното рангирање.

  • Прва лига (жени), Втора фаза -1, (4.коло)

Вардар жени 2019 – Струмица жени 1-3 (22-25, 25-19, 21-25, 18-25)
Јанта волеј Кисела вода – Работнички Скопје 3-0 (25-20, 25-22, 25-20)
Универзитет во Тетово – Наковски волеј 0-3 (18-25, 27-29, 24-26)

  • Прва лига (жени), Втора фаза -2, (4.коло)

Фит фан волеј – Јанта волеј Форца 3-0 (25-20, 25-22, 30-28)
Пелистер волеј – Виктори волеј (одложен)
Бами Кор – УГД Студент 2-3 (25-22, 19-25, 25-19, 20-25, 7-15)
Македонија Макс – Ускана (одложенo)