Стојановска: Функционираме одлично како тим, во мислите ни е победа над Австрија

Македонските одбојкарки го одработуваат последниот ден од подготовките за квалификациските натпревари за Европското првенство во 2026 година. 

Нашата репрезентација на првите два меча ќе ги одмери силите со Австрија и Грција, а средната блокерка Симона Стојановска е убедена дека националниот тим е на многу повисоко ниво од минатата година и очекува успешни резултати против ривалите. 

„Минавме еден подолг и плоден период од околу триесет денови во Крушево и Маврово, каде успешно се подготвувавме за претстојните квалификациски натпревари против Грција и Австрија.

Селекторот и неговиот стручен штаб завршија одлична работа и мислам дека ќе функционираме како една целина која сака да оствари позитивни резултати. 

Последниот дел од подготовките го минуваме во Скопје и тука даваме поголем акцент на тактичката подготвеност. Физички сме сите во одлична форма која се надевам дека ќе ја пренесеме на првите два меча од квалификациите“, вели Стојановска. 

Натпреварот помеѓу Македонија Австрија ќе се одигра во салата „Јане Сандански“, на 17 август, со почеток во 20:15 часот. Следниот натпревар против Грција ќе го одиграме на 28 август.