Стојанова: Посакуваме прв успех по долги години за женската одбојка

Женската сениорска репрезентација по долго време се враќа на натпреварите и прв предизвик за овој млад тим ќе биде Сребрената Европска лига. Во име на Македонија пред настапите говореше Тамара Стојанова.

Одбојкарката која стана шампион со Работнички, сега се фокусира на националниот тим. Истакна дека за сите ова ќе биде едно ново искуство во кое се посакува добри настапи во шампионатот на ЦЕВ.

„Времето брзо помина од стартот на подготовките, веќе овој викенд го имаме првиот натпревар. Секогаш спортски е да се надеваме на победа. Имаме позитивна енергија на тренинзите, се познаваме добро со девојките и со стручниот штаб. Го анализиравме противникот, знаеме што не очекува и посакуваме прв успех по долги години. Се надевам дека публиката ќе дојде во што поголем број и ќе ни помогне за успешен старт“, изјави Стојанова.

Сениорките во Европската лига играат со Австрија, Естонија и Летонија, а натпреварите ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“ во периодот од 27 мај до 18 јуни.