Стојанов: Газели Волеј е дебитант, но има квалитет за добар резултат во Купот

Се ближи завршницата на одбојкарскиот Куп на Македонија, кој после цели 15 години се враќа во главниот град и ќе се одигра во салата „Јане Сандански“ во Скопје. 

Програмата стартува на 26 март (четврток) со полуфиналните натпревари во женска конкуренција, каде покрај бранителот на титулата, Наковски Волеј, за првиот пехар во сезоната ќе се борат и тројца дебитанти - Младост УГД, Газели Волеј и Вардар ЕМ.

Одбојкарката и капитен на „газелите“, Теа Терзиевска, ги изнесе своите очекувања за мечот со Вардар ЕМ, најавувајќи голема борба за пласман во големото финале. 

„Во Купот ќе се соочиме со екипи кои имаат доволно искуство и сите се силни. Наше е да го одиграме тоа што го знаеме најдобро и да се покажеме одлично во дебитантскиот настап. Се надевам дека ќе успееме да обезбедиме пласман во финалето“, рече Терзиевска. 

Со слични размислувања е и тренерот Деан Стојанов, кој не го криеше задоволството што неговиот тим е дел од завршниот турнир во Купот. 

„Ние сме дебитанти, како во првенството, така и во Купот, и токму поради тоа, ниту јас, ниту комплетниот тим не го криеме големото задоволство што сме дел од финалниот турнир. Благодарност и големо браво за Федерацијата која ја задржа традицијата да се игра завршен турнир, и тоа во Скопје. Верувам дека публиката ќе дојде во што поголем број и ќе придонесе ова да биде еден празник на одбојката.

За натпреварот може да истакнам дека со Вардар ЕМ двапати се соочивме во првенството и имаме две победи, кои ни даваат мала предност, но влегуваме во мечот многу внимателно. Сепак, екипата на Вардар ЕМ успеја да направи изненадување во четвртфиналето и да елиминира фаворит. Затоа ќе бидеме многу внимателни и се надевам дека на крајот ние ќе славиме“, вели Стојанов. 

Полуфиналниот натпревар помеѓу Газели Волеј и Вардар ЕМ ќе се одигра на 26 март, во терминот од 17:30 часот.