Стартува женскиот одбојкарски шампионат, со 12 екипи и Работнички Скопје како првак

Денес со поголемиот дел од натпреварите од првото коло, почнува женскиот одбојкарски шампионат на Македонија. Работнички Скопје ја брани двојната круна од лани, Работнички жени се преименува во Вардар кој во ова првенство ќе го носи епитетот вицешампион, а Наковски волеј како финалист на Купот влегува во најтесниот фаворитски круг. Екипата на Јанта волеј е поранешен првак и на неа секогаш треба да се смета, а во втората лигашка фаза лани настапуваа и Пелистер волеј и Виктори волеј, па тоа е нивна желба и во претстојната сезона. 

За разлика од натпреварувачката 2018/19, во новата сезона од Првата лига во женска конкуренција ќе играат 12 екипи. Новина е настапот на тимот на Струмица Жени, со којшто градот Струмица во овој шампионат ќе биде застапен дури со четири екипи. Како и лани, три се од Скопје, две од Тетово, а по еден претставник ќе имаат Битола, Штип и Кичево.

Според резултатите од минатата сезона, во најтесното друштво аспиранти за пехарот се актуелниот првак Работнички Скопје, неговиот градскиот ривал Вардар кој играјќи со името Работнички жени стигна до лигашкото финале. Горан Јаневиќ, сега ја води екипата на Работнички Скопје, а иако Глигор Христов лани ги предводеше одбојкарките до двојна круна, сепак соработката со клубот не продолжи.

Стандарден кадар има Наковски волеј, а Виктори волеј кој лани влезе во друштвото на најдобрите шест, сезонава треба да го преброди заминувањето на неколку одбојкарки во новиот член на Првата лига – тимот на Струмица жени. Ако мерило се резултатите од претходното првенство, сериозен претендент за место во Втората фаза – 1 напролет е Пелистер волеј. Сите други екипи ќе се обидат да напредуваат, односно да ја променат водечката шестка од последното првенство.