• Саше Љолес

Одбојкарките на Србија загубија од селекцијата на Кина во последното коло од групата А на Олимписките игри со 3-1, по сетови 25-21, 20-25, 21-25 и 22-25. И покрај поразот, тимот на нашиот северен сосед не треба премногу да жали, затоа што обезбеди пласман во четвртфиналето.
Србија го освои првиот сет и делуваше дека избраничките на Џовани Гвидети ќе дојдат до сигурна победа, но Кина заигра многу подобро и бргу поведе со 2-1 во сетови. Во четвртиот сет се водеше голема битка, но српските одбојкарки направија две грешки при резултат 23-23 и на тој начин го загубија мечот.
Најдобра поединка кај победниците беше Ли Јингли од Кина со 26 поени, додека Ксиангју Гонг додаде уште дваесет. Србија ја имаше во своите редови извонредната Тијана Бошковиќ, која запиша дури 36 поени, но недоволно за подобар резултат на нејзиниот тим.
На крајот, во оваа група победник е селекцијата на Кина, веднаш зад нив е екипата на Соединетите Американски Држави, додека Србија патува во четвртфиналето како една од двете најдобри третопласирани репрезентации. Ривалот на Србинките ќе биде познат по одигрувањето на мечот помеѓу Бразил и Полска од групата Б.