Србинките ги изненадија САД и закажаа полуфинале против Бразил

Србија е во полуфинале во Лигата на нации во одбојка за жени. Избранчките на Даниеле Сантарели славеа во четвртфиналето во Анкара против селекцијата на САД, моментно најдобрата на ранг-листата на ФИВБ и олимписки шампион со резултат 3-2 (29-27, 25-23, 20-25, 20-25, 15-13). Фантастичен натпревар одигра Ана Бјелица, а српските одбојкарки покажаа конзистентност во најтешките моменти. 

Србија во полуфиналето ќе игра против Бразил, кој во првото четвртфинале беше подобар од Јапонија со 3-1 (29-27, 28-26, 20-25, 25-14). Предводник на бразилскиот состав беше Габриела Брага со 23 поени, Насименто имаше 20, а Бергман 17. Кај поразениот тим се истакнаа уште Хајаши со 16 и Кога со 14 поени.

Полуфиналните натпревари се на 16 јули. Претходно, в четврток ќе се играат преостанатите две четвртфиналиња во кои ќе се сретнат домаќинот Турција против Тајланд и Италија против Кина.