Србин, Американец и Австралијанец за посилен Вардар 

Одбојкарскиот тим на Вардар доведе три сериозни засилувања во своите редови во пресрет на продолжението на сезоната во Првата лига. 

„Црвено-црните“ в недела го играат големото дерби со лидерот Џио Струмица, а за овој дуел ќе можат да сметат на новите членови со кои тренерот Деан Стојанов значително ќе добие во квалитативна смисла. Техничарот Недељко Радовиќ од Србија, примачот Ерик Тејлор Енсинг од САД, како и Австралиецот Конал Теин Мекеиниш, кој игра на позиција среден блокер, се нови членови на Вардар и иако немаа доволно време да се запознаат со соиграчите од нив се очекува голем придонес во соочувањето со Џио Струмица.

По 11 одиграни кола во Првата лига Вардар со скор од 8 победи и три порази е на третата позиција на табелата, додека струмичани се единствениот тим без ниту еден пораз и цврсто стојат како лидери. Дербито на македонската одбојка се игра во Скопје, в недела од 14:30 часот.