Србија со нова лекција за македонските одбојкари

Одбојкарите на Србија и вторпат ја надиграа Македонија на пријателски натпревар во Белград.

Големиот противник беше убедлив и славеше со 3-0 (25-13, 25-18, 25-22). Домаќинот започна фуриозно, но се опушташе до крајот, што може да се забележи и во резултатот.

Македонските репрезентативци денес потфрлија, особено во првите два сета. Српскиот тим немаше големи проблеми да стигне до голема предност, која ја потврди со нешто понеизвесен трет сет.

Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најефикасен кај нас со 17 поени, Маџунков запиша десет, а Љафтов се надоврза со осум поени.

За македонскиот национален тим останува да се врати во Скопје, каде ќе продолжи со подготовките за Европското првенство со настап на традиционаниот турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“.