Србија има хероини: Одбојкарките вторпат по ред европски шампионки!

Женската одбојкарска репрезентација на Србија одигра јуначко финале против Турција во рамки на Европското првенство (ЕП) и во Анкара, во меч со пет сета го совлада домаќинот, за ново европско злато (21-25, 25-21, 25-21, 22-25, 15-13).

Во едно од најдраматичните финалиња во женската одбојка кое траеше повеќе од два и пол часа, Србија губеше во решавачкиот сет, но се врати од бездната и со пет поени во низа го приведе мечот во своја корист. Исто така, одбојкарките го преживеаја и пеколот, во полната сала во Анкара, која грмеше во поддршка за домашните. Србинките дојдоа до европското злато откако Јилмаз од Турција во последниот поен ја допре мрежата.

Турчинките подобро го отворија натпреварот и во клучните моменти од првиот сет имаа контрола, поради што дојдоа до предност (21-25). Но, Србија не се предаде, актуелните европски првенки одиграа одлично во наредните два сета, па направија пресврт, со две победи од по 25-21.

Во четвртиот сет од мечот, Србија имаше предност од два поени во средината, но Турција водена од пеколната атмосфера на трибините имаше одлична игра на мрежа, воедно им функционираше и сервисот и контрата, за триумф од 22-25 и меч кој замина во петти решавачки сет.

На стартот, Турција се одлепи на 3-6, потоа водеше и со 6-8, но лавовската Србија не се предаде, па со одличен блок и сервис, дојде на 9-9. По двата сериси на Бјанка Буша, Србија поведе со 11-9 и врза пет поени во низа, но Турција потоа возврати со иста мера и три поени во низа, за 11-12. Србија во наредниот период од мечот дојде до 14-12, па преку втората меч-топка се дојде до европскиот трон.

  • Извештај од натпреварот: 

Најдобра кај победничките беше Михајловиќ со 23 поени,. Бошковиќ исто така заврши со 23 поени, Поповиќ постигна 12 поени, додека Буша заврши со седум, од кои три беа во последниот решавачки сет.

За Србија ова е втора европска титула во низа, или вкупно трето европско злато, по 2011 и 2018 година.