Србија и Бразил по пет сета до полуфинале на СП

Женските одбојкарски селекции на Србија и Бразил го продолжуваат походот кон златниот медал на Светското првенство. 

Во вечерната програма од планетарниот собир, Србинките по голема борба и пет сет ја совладаа селекцијата на Полска со 3-2 (21-25, 25-21, 25-19, 24-26, 16-14) и се пласираа во полуфиналето. Србија можеше уште многу порано да го чекира својот пласман меѓу најдобрите четири селекции, но Полска се покажа како тврд орев и одигра за респект против фаворизираниот противник.

Со идентичен резултат заврши и четвртфиналето меѓу Бразил и Јапонија. Јужноамериканската селекција имаше негатива од 2-0 во сетови, но не се предаде и преку пресврт слави голема победа (18-25, 18-25, 25-22, 27-25, 15-13). 

Во полуфиналето Бразил ќе се сретне со Италија, додека Србија ја чека пресметка со Соединетите Американски Држави.