„Спартанците“ ѝ се одмаздија на Црна Гора со триумф во вториот тест

Одбојкарската репрезентација на Македонија го доби вториот тест дуел против Црна Гора, кој се одигра во Колашин. По вчерашниот пораз, денес избраниците на Хари Наковски со 3-1 беа подобри од балканскиот ривал. 

Црногорците добро влегоа во мечот, па отворија со освоен сет со 25-23. Сепак, македонските одбојкари вратија со иста мера, а двата следни сета ги освоија со идентичен резултат - 25-23. 

Во четвртиот домаќинот влезе добро и водеше во првата половина, а потоа се играше поен за поен. Сепак, Македонија го крена нивото во финишот и со 25-22 го затвори мечот во своја корист. 

Ова беа единствените тест дуели на Македонија пред квалификациските натпревари против Грузија и Грција во битката за ново Европско првенство.