Со дуели во Штип и Тетово ќе биде заокружено петтото коло на одбојкарскиот шампионат

Според очекувањата, фаворитите одиграа лесни натпревари во петтото коло од Првата лига (мажи). Џио Струмица славеше во Велес кај ГОК Борец со максимален резултат и го задржа првото место на табелата затоа што се уште има подобар поен-количник од Универзитет во Тетово. Бројките на двете екипи со стопроцентен ефект досега се речиси исти, а струмичани се пред тетовци поради подобар поен-количник. Универзитет во саботата на Дибра волеј и препушти само 31 поен, но и тоа не беше доволно да биде водечки состав по оваа првенствена рунда. Освојувачот на двојната круна од пред две сезони во вкупниот биланс загуби само седум поени помалку од ривалот, а тоа е предноста којашто овозможува да биде на врвот. Кон него цели и Вардар, но откако го загуби дербито со Универзитет, на пласман на водечката позиција по есенскиот дел може да смета само со победи на преостанатите дерби-натпревари. Црвено-црните ја завршија работата против Лирија, ја прославија четвртата победа сезонава и ќе останат во водечкото трио без разлика каков ќе биде епилогот на денешниот дуел на Шкендија со Јанта волеј. Доколку ја искористи својата сала против повратникот во најсилната конкуренција, идентично постигнување ќе има и тетовскиот тим, но и во таков случај не може да го надмине Вардар поради полош сет-количник.

Но, можност за напредок на табелата има составот на Штип УГД Штип, кој денес ќе ја пречека Весна Пробиштип. Во локалното соочување, домашниот тим ќе влезе со две победи и два пораза на претходните четири средби, а со нов нов успех којшто би бил трет во низа, штипјани можат да го потиснат ГОК Борец од петтото место. Во случај на победа со 3-0, двете екипи ќе имаат ист број триумфи и бодови, но Штип УГД Штип ќе напредува поради подобар сет-количник. Како и да е, ако успее да слави, тогаш Штип УГД Штип секако ќе остане во трка за пласман во водечкиот квартет во есенскиот дел, а со тоа и за настап главната натпреварувачка фаза напролет. Весна Пробиштип досега се радуваше само на почетокот на сезоната против Јанта волеј, па тешко е да се верува дека може да ги загрози амбициите на Шкендија, на ГОК Борец и на денешниот противник.

Прва лига (мажи), 5.коло
ГОК Борец – Џио Струмица 0-3 (15-25, 21-25, 15-25)
Универзитет во Тетово – Дибра волеј 3-0 (25-8, 25-14, 25-9)
Вардар – Лирија 3-0 (25-14, 25-10, 25-21)
Штип УГД Штип – Весна Пробиштип (понеделник, 17:30)
Шкендија – Јанта волеј (понеделник, 18:00)