Со дерби почнува втората фаза на женскиот одбојкарски шампионат на Македонија

Дербито меѓу Работнички Скопје и Наковски Волеј, закажано за в сабота од 18:00 часот, во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го означи почетокот на возбудувањата во втората фаза од сезоната во Првата женска лига.

Јанта Волеј КВ, Работнички Скопје, Наковски Волеј и Фит Фан Волеј се екипите кои по комплетирањето на првата фаза од првенството се најдоа на првите четири позиции на табелата и ќе продолжат во трката за шампионската титула.

Според пропозициите одново ќе се натпреваруваат по двокружен бод систем, по чие завршување првата и четвртата екипа, односно второ и трето пласираниот тим ќе формираат двојки од полуфиналето на плеј-оф. Полуфиналето се игра во два добиени натпревари (дома-гости), а победниците од овие дуели ќе играат за шампионската титула во финалето на плеј-офот, кое се игра во три добиени натпревари.

Екипите кои првиот дел од сезоната го завршија од петтото до осмото место на табелата ќе бидат дел од Втора фаза – 2. Вардар ЕМ, Младост УГД, Струмица жени и Ускана Волеј ќе разигруваат двокружно за пласман. Петто и шестто пласираната екипа ќе обезбедат опстанок во Првата женска лига, додека последните два тима ќе играат бараж за опстанок со трето и четврто рангираниот тим од Втората лига – жени. По завршувањето на бараж натпреварите ќе биде дефинирана конечната табела со пласман на сите екипи, кој ќе важи за следната натпреварувачка сезона.

Прва лига, втора фаза (ж)

Сабота:
Работнички Скопје – Наковски Волеј 18:00
Вардар ЕМ – Ускана Волеј 12:00
Младост УГД – Струмица жени 16:00

Понеделник:
Јанта Волеј КВ – Фит Фан Волеј 16:30