Смирувачки вести: Никола Ѓорѓиев ќе биде подготвен за дуелите со Украина и Унгарија

По двата натпревара со Албанија, македонските одбојкарски репрезентативци ги продолжуваат подготовките за завршницата од квалификациите за Европското првенство, а главен проблем за селекторот Никола Матијашевиќ е повредата на Никола Ѓорѓиев.

Капитенот на репрезентацијата за време на загревањето почувствува мала болка во коленото и го пропушти вториот дуел во СРЦ „Кале“, на кој Македонија ја забележа деветтата победа против Албанија и го задржа максималниот ефект во одмерувањата на силите со ривалот.

Ѓорѓиев не сакаше да ризикува со настап против Албанците, но докторот на репрезентацијата Љупчо Петровски верува дека најдобриот поентер во европските квалификации ќе биде подготвен за претстојните мечеви со Украина и со Унгарија.

Според калкулациите, нам може да ни биде доволна и само една победа за историски, премиерен пласман на континенталниот самит наредната година, иако посигурна опција би било да освоиме два сета, а со тоа и еден бод во Запорожје на 5 јануари. Четири дена подоцна ќе ја пречекаме Унгарија.