Словенија почна со продажба на билетите за ЕП во одбојка

По Франција, Белгија и Холандија, и Словенија ја отвори продажбата на билети за претстојното Европското првенство во одбојка за мажи. Градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, ја имаше честа да ги купи првите два билета за континенталниот собир во септември, на којшто македонската репрезентација обезбеди историски прв настап на еврошампионатите. Во конкуренција на бранителот на тронот Русија, на домаќинот Словенија, Финска, Турција и на Белорусија, нашите одбојкарски репрезентативци ќе се обидат премиерниот настап на елитниот собир да го зачинат и со резултатски успех во „Стожице“.

На одбројувањето 200 дена до почетокот на Европското првенство, на Брег над реката Љубљанчица, официјални лица на словенечката одбојка го открија часовникот којшто ќе го мери времето до почетокот на големиот настан. Словенија го претстави и новиот селектор Алберто Џулиани. Италијанскиот стратег во тренерската кариера има трофеј од Купот на ЦЕВ, трипати беше првак на Италија, еднаш освојувач на Купот, трипати на италијанскиот и еднаш на турскиот Суперкуп.

Првиот натпревар на Европското првенство Македонија ќе го одигра на 12 септември против Финска, ден потоа ќе „сервираме“ против Турција, а на 14 септември ќе се сретнеме со Русија. По ден пауза, на 16 септе,мври ќе играме со Белорусија, а на 17 септември против Словенците предводени од Џулијани.