• Горан Упале

Одбојкарската репрезентација на Словенија го освои бронзениот медал на Европското првенство. Во мечот за третото место Словенците по пет сета ја совладаа Франција. Резултатот во сетови беше 25-22, 25-16, 21-25, 18-25, 15-11.
Словенија поведе со 1-0 по голема борба во првиот сет, но практично цело време имаше предност. Во вториот сет Словенците беа уште поубедливи и се чинеше дека нема да имаат никакви проблеми да го приведат мечот до крај во три сета.
Но, Французите не мислеа така. Третиот сет подобро го отворија и намалија на 1-2, додека во четвртиот доминираа и обебзедија решавачки сет. Сепак, Словенците брилијантно влегоа во клучниот период, во ниту еден момент не им ја отстапија предноста на ривалот и го грабнаа бронзениот медал.
Рок Можич беше најдобар стрелец кај Словенија со 26 поени, а него го следеа Тине Урнаут со 19 и Клемен Чебуљ со 15 освоени поени. Во француската репрезентација најдобар беше Ервин Нгапет со 18 поени, а два помалку постигна Кевин Тили.