Словенија доби лекција, Полска до место во ново евро-финале

Репрезентацијата на Полска се пласираше во второ последователно финале на Европското првенство во одбојка, откако во Милано убедливо ја совлада Словенија со 3-0 во сетови (25-23, 25-23, 25-18) и ја обезбеди својата четврта последователна медалја на континенталниот шампионат.

Словенците подобро го отворија натпреварот, но Полјаците брзо воспоставија контрола и со серија поени поведоа со 3-1 по одличниот сервис на Вилфредо Леон. Иако Словенија неколкупати се враќаше во игра и се доближуваше до израмнување, избраниците на Никола Грбиќ го контролираа првиот сет. При водство од 23-22, словенечката селекција пропушти можност за израмнување, а Полска ја искористи втората сет-топка за предност од 1-0.

Во вториот сет повторно подобро започна Полска, но Словенија успеа да израмни на 16-16 и подоцна на 19-19. Сепак, клучните поени им припаднаа на Полјаците. Иако Словенците спасија две сет-топки, Вилфредо Леон со моќен смеч го донесе водството од 2-0 во сетови.

Словенија силно влезе во третиот сет и поведе со 3-0, но Полска постепено ја намали разликата и во средината на сетот направи пресврт. Голема улога во тоа имаше Томаш Форнал, кој беше еден од најзаслужните за доминацијата на Полјаците во завршницата.

До крајот немаше изненадувања, па Полска рутински го приведе мечот кон крај и со максимални 3-0 обезбеди ново финале на Европското првенство. Во борбата за златниот медал, Полјаците ќе играат против победникот од полуфиналниот дуел меѓу Франција и Финска.