Скопското дерби најважен натпревар од осмото коло кај одбојкарките

Откако најдобрата четворка во македонскиот женски одбојкарски шампионат го реши прашањето за влез во полуфиналето од разигрувањето, преостанатите натпревари од Втората фаза-1 единствено може да влијаат на формирањето на двојките за нокаут-сегментот. Со убедливиот триумф во меѓусебниот дуел, екипата на Вардар жени 2019 направи голема предност во однос на второпласираниот состав на Јанта волеј Кисела вода, па со уште еден успех, овој пат против Работнички Скопје, со едната нога веќе ќе ја потврди првата позиција. Доколку не успее против последниот освојувач на двојната круна кај нас во понеделничкиот натпревар, тогаш Јанта волеј Кисела вода ќе има можност да се израмни според бројот на победи со вардарки, но не и да го преземе врвот по осмото коло во Втората фаза-1. Црвено-црните направија и бодовна разлика, така што и од тој аспект можат да бидат растоварени пред пресметката со Работнички Скопје, кој поради полош сет-количник е зад третопласираната Струмица жени. Оттука, можни се уште многу комбинации во преостанатите средби од лигашкиот дел од првенството. Во локалниот дуел, Наковски волеј ќе ја пречека Струмица жени, а резултатот од овој натпревар, исто така, ќе има влијание на конечниот пласман пред почетокот на елиминациите. Наковски ги загуби шансите за учество во полуфиналето, а тоа важи и за Универзитет во Тетово, кој во соочувањето со Јанта волеј Кисела вода ќе влезе со максимален број порази (7) во ова натпреварувачко друштво.

Најуспешниот тим во Втората фаза-2, Фит фан волеј, пак, е во позитивна серија од седум победи, а осмата ќе ја бара на теренот на Македонија Макс. Струмичанки славеа на четири од последните пет меча, но не можеа да му се доближат на третопласираниот Пелистер волеј поради поразот во меѓусебниот дуел минатиот викенд. Битолчанки се фаворитки кај Бами Кор, но сепак, не можат да ја загрозат втората позиција на Јанта волеј Форца зашто имаат две победи помалку. Во осмото коло, скопскиот тим ќе гостува кај УГД Студент, а со успех може да се надева дека ќе го преземе водечкото место, но само доколку Фит фан волеј загуби кај Македонија Макс. Ускана против Виктори волеј се надева на петтата победа сезонава, а струмичките одбојкарки на четвртата со којашто би се изедначиле со билансот на ривалките.

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (Осмо коло)
Вардар жени 2019 – Работнички Скопје (понеделник, 18:00)
Универзитет во Тетово – Јанта волеј КВ (сабота, 18:00)
Наковски волеј – Струмица жени (сабота, 17:00)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (Осмо коло)
Македонија Макс – Фит фан волеј (сабота, 16:00)
УГД Студент – Јанта волеј Форца (сабота, 17:30)
Бами Кор – Пелистер волеј (сабота, 16:00)
Ускана – Виктори волеј (сабота, 14:00)