Скопското дерби доминира во четвртото коло од женскиот одбојкарски шампионат

Екипите на Работнички Скопје и на Вардар жени забележаа победи во заостанатите натпревари од воведното коло во Првата македонска женска одбојкарска лига, по што табелите во двете групи почнаа да добиваат очекуван изглед. На вчерашното гостување кај Виктори волеј, одбојкарките на Работнички Скопје одиграа убедливо и со вториот максимален успех сезонава го презедоа првото место во групата Б, што најверојатно и ќе го задржат, затоа што во претстојната натпреварувачка рунда ќе играат со Бами Кор. Другите два меча во оваа конкуренција ќе бидат понеизвесни и ќе имаат значајно влијание во трката за првите три позиции коишто обезбедуваат влез во Втората фаза-1 напролет. Јанта волеј Кисела вода ќе го пречека составот на Пелистер волеј кој е второпласиран и покрај поразот во понеделникот од Струмица жени. Тимот од Скопје, пак, досега одигра само еден меч, го доби без загубен сет, па со триумф ќе има шанса да напредува дури и две места, особено доколку му одговара епилогот од локалната пресметка меѓу Виктори волеј и Струмица жени. Виктори има две, а Струмица жени една лигашка победа, но многу важна затоа што беше остварена во единствениот настап и тоа на теренот на директен ривал во надмудрувањето за подобар пласман.

Ускана ќе одмора претстројниот викенд, во кој во групата А ќе нема активности за Наковски волеј, а тоа значи дека ќе дојде до промена на лидерското место. Струмичкиот состав има два триумфа, исто како Вардар жени и Универзитет во Тетово пред нивниот меѓусебен утрешен дуел со карактер на дерби. Поуспешниот од него ќе го преземе врвот во ова друштво во коешто, барем засега, полесно се исцртуваат контурите на првите три екипи. Во евентуална трка може да влезе дебитантот Фит фан волеј, но само доколку ја совлада Македонија Макс, како и УГД Студент жени со успешен настап во својата сала против Јанта волеј Форца.

Група А (Четврто коло):
Вардар жени – Универзитет во Тетово (сабота, 15:00)
УГД Студент жени – Јанта волеј Форца (сабота, 18:00)
Фит фан волеј – Македонија Макс (недела, 13:00)
Слободен: Наковски волеј

Група Б (Прво коло):
Виктори волеј – Работнички Скопје 0-3 (10-25, 20-25, 15-25)

Група Б (Четврто коло):
Јанта волеј Кисела вода – Пелистер волеј (сабота, 13:00)
Бами Кор – Работнички Скопје (сабота, 14:00)
Струмица жени – Виктори волеј (сабота, 18:00)
Слободна: Ускана