Скопје домаќин на силен турнир во одбојка на песок

Македонија викендов ќе биде домаќин на интернационален натпревар во одбојка на пeсок. Имено, на одбојкарското игралиште зад хотелот „Дабл Три Хилтон“ во Скопје ќе се одржи силен меѓународен одбојкарски турнир во женска конкуренција.

Турнирот е во организација на ЖОК Вардар, а под покровителство на општина Аеродром.

Предвидено е да учествуваат осум екипи, и тоа најдобрите од македонската одбојкарска сцена и гости од Србија и Црна Гора. Наградниот фонд на турнирот изнесува 1.600 евра, од кои за победникот се загарантирани 800 евра, второпласираните ќе добијат 500 евра, а за третото место наградата е 300 евра.

Натпреварите почнуваат попладне со првите натпревари во фазата по групи, додека, финалните дуели следуваат в недела попладне по 16:00 часот. Мечот за трето место и големото финале се планирани за в недела по 18.30 часот.