Штипското дерби ќе го одбележи одбојкарскиот викенд

Откако очекувано убеливо ја совлада Шкендија во одмерувањето на силите на две непоразени екипи до вчерашниот меѓусебен натпревар, Џио Струмица се врати на чело на табелата во Првата лига (мажи). Освојувачот на двојната круна од 2018/19 во петтото коло од најсилната одбојкарска конкуренција ќе гостува кај ГОК Борец, кој во тековната сезона е амбициозен да игра во елитната фаза напролет. Велешани загубија од Универзитет во Тетово на почетокот на првенството, но потоа остварија три победи по ред, така што во пресметката со фаворитот ќе влезат од петтатата позиција, со ист број триумфи како Вардар и Шкендија, но со полош сет-количник. Со оглед на квалитетот на струмичани, секој освоен сет може да му помогне на ГОК Борец во остварување на желбите.

Од аспект на битката за влез во водечкиот квартет, значаен ќе биде и мечот меѓу Штип УГД Штип и Весна Пробиштип. Локалното дерби може да им помогне на штипјани да се одржат во трката за четвртото место по есенскиот дел од сезоната. Тие досега остварија две победи, а поразите ги претрпеа од апсолутните фаворити за освојување на првите три позиции, што значи дека со успех против соседот ќе останат во сериозна трка со Шкендија и со ГОК Борец, иако за разлика од вчерашниот заостанат натпревар со Џио Струмица, тетовци во оваа рунда ќе имаат далеку полесна задача. Нивни ривал ќе биде Јанта волеј кој на четири средби не се израдува на освоен сет, па доколку ја потврди фаворитската улога, Шкендија ќе остане на четвртото место. Иако теоретски постојат математики и да напредува, тоа се само опции на хартија, затоа што Вардар е апсолутен фаворит против Лирија и ја очекува четвртата, а Универзитет во Тетово петтата победа во шампионатот. Тетовци, кои се вторпласирани само поради полош поен-количник од Џио Струмица, ќе го пречекаат тимот на Дибра волеј.

Прва лига (Петто коло):
ГОК Борец – Џио Струмица (сабота, 19:00)
Универзитет во Тетово – Дибра волеј (сабота, 19:00)
Вардар – Лирија (сабота, 12:00)
Штип УГД Штип – Весна Пробиштип (понеделник, 17:30)
Шкендија – Јанта волеј (понеделник, 18:00)