Штип домаќин на завршницата на одбојкарскиот Куп, познати полуфиналните парови

Екипите на Струмица 47&72 и на Работнички Скопје ќе ги бранат куп-круните во македонската одбојка на завршниот турнир којшто годинава ќе биде одржан во Штип од 21 до 24 март. На денешната ждрепка, струмичани за противник ја добија Лирија, а Работнички 71&22 ќе се сретне со домаќинот Штип УГД. За разлика од лани во Радовиш, во салата „Јордан Мијалков“ во Штип ќе учествуваат три нови тимови, затоа што сега меѓу четирите ги нема ГОК Борец, Шкендија и Универзитет во Тетово.

Кај дамите, ланските освојувачки од Работнички Скопје ќе играат со првопласираниот состав во првенството, Струмица жени, а минатогодишните финалистки од Наковски волеј ќе сервираат против Јанта волеј. Полфиналето кај одбојкарите е закажано за четврток (21 март), одбојкарките ќе играат ден потоа (петок 22 март), а двете финалиња се закажани за в недела на 24 март, женското од 12:00, а машкото од 15:00 часот.

Финалните натпревари ќе бидат пренесувани на МРТ, а полуфиналето ќе оди на јутјуб каналот на Одбојкарската федерација на Македонија.   

Полуфинале (мажи) – четврток, 21 март
17;00 Работнички 71&22 – Штип УГД
20:00 Лирија – Струмица 47&72

Полуфинале (жени) – петок, 22 март
17:00 Струмица жени – Работнички Скопје
20:00 Наковски волеј – Јанта волеј

Финале – недела, 24 март
12:00 Финале (жени)
15:00 Финале (мажи)