Шкендија по пет сета слави во градското одбојкарско дерби со Универзитет во Тетово

Шкендија триумфираше во локалното дерби против Универзитет во Тетово со 3-2, со што се комплетираше петтото коло во Првата одбојкарска лига на Македонија. Средбата се одигра во одлична атмосфера, пред полна трибина во Тетово од приврзаниците на „црвено-црните“.

Откако претходно викендов се одиграа четири натпревари, „шлагот“ на рундата беше градското дерби под Шар Планина. Во крајно изедначен натпревар, во кој мораше да се играат пет сета на крајот славеа одбојкарите на Шкендија. Универзитет во Тетово поведе по првиот сет (22-25), за потоа да ги загуби следните два (25-20 и 25-12), но се врати со 22-25.

Шкендија со пресврт поведе, Универзитет во Тетово се враќаше и дојде до одлучувачки, скратен петти сет. Во него одново се играше поен за поен, Шкендија се одлепуваше минимално, ама ривалот одлично се враќаше во игра. Сепак, по две грешки на браќата Симовски, Шкендија ја искористи втората меч-топка и победи (15-13). 

Најефикасен играч на натпреварот беше Јовица Симовски со 27 поени, додека Бахрие во победничкиот табор собра 23.

Претходно во ова коло победи запишаа Струмица над Јанта Волеј, борец против Штип УГД, Весна Пробиштип против Лирија и Дибра Волеј со Македонија Џио, додека слободен беше Вардар.