Шапе: Вардар покажа дека може да победи секого - нека биде така и на Ф4 во Купот!

Дебитантот на завршниот турнир во одбојкарскиот Куп на Македонија, Вардар Ем, се подготвува за полуфиналниот натпревар против екипата на Газели Волеј. 

Вардарки во текот на сезоната покажаа дека имаат квалитет и можат да се надигруваат со ривалите, а со тоа е целосно согласен и тренерот Јован Шапе, кој го најави дуелот. 

„Досега во првенството покажавме дека можеме да победи секого, а се надевам дека така ќе биде и на утрешниот меч. Подготвени сме за предизвикот - полуфинале во Купот. Пресреќни сме што обезбедивме пласман на турнирот и ова е историски момент за нас.

Девојките со нетрпение и со огромна возбуда го очекуваат овој натпревар. Моите совети беа дека треба да играме растоварено, немаме притисок и со задоволство ќе влеземе во полуфиналето, со надеж да заврши во наша полза. 

Среќен сум што Купот се игра во Скопје, во една убава сала како „Јане Сандански“, која ги задоволува сите стандарди и се надевам дека публиката ќе дојде во голем број да ги следи и женските и машките натпревари“, истакна Шапе. 

Вардар ЕМ и Газели Волеј се среќаваат во првиот полуфинален меч од Купот на Македонија. Натпреварот се игра на 26 март во 17:30 часот.