Сензација во одбојкарскиот шампионат: Џио Струмица загуби на домашен терен!

Откако ги загуби претходните три меѓусебни натпревари, Универзитет во Тетово конечно успеа да го совлада составот на Џио Струмица. Во саботното дерби во салата „Парк“, тетовци му го нанесоа првиот пораз сезонава на последниот освојувач на двојната круна кај нас, а со тоа можеби ја кренаа самодовербата пред претстојните завршни средби за пехарот во купот. Водечката екипа успеа да направи пресврт и да поведе со 2-1, но гостинските одбојкари ја задржаа смиреноста и ја запишаа 13-тата победа во 17-от сезонски настап. Сепак, овој резултат нема некое посебно влијание на табелата затоа што Џио Струмица е безбедна на врвот со биланс 16-1, односно со три триумфи предност пред Универзитет во Тетово, којшто уште отсега го обезбеди второто место пред разигрувањето.

Иако до крајот на Втората фаза-1 има уште четири рунди, делува неверојатно тетовци да напредуваат, како што изгледа само теоретски можно да бидат загрозени од Вардар. Црвено-црните претрпеа пораз од ГОК Брец со 3-2, па сега се на негатива од три победи во однос на Универзитет. Велешани се радуваа првпат во најсилното друштво, но и тие имаат само теоретска опција да исчекорат од четвртото место. Според сите параметри, двојките за полуфиналето во Првата лига се познати одамна, а во однос на полуфиналето на купот, разликата е во тоа што на завршниот турнир за куп-пехарот, од петок до недела во Струмица, наместо ГОК Борец ќе учествува Шкендија, која е првопласирана во Втората фаза-2, сега со победа предност пред Штип УГД. Тетовскиот тим го загуби локалното дерби со Лирија со 3-1, а штипјани очекувано се вратија со триумф со од гостувањето кај Дибра волеј. Лирија е трета и во директен дуел ќе има шанса да ја преземе втората позиција од Штип УГД, а со тоа да биде на шестото место во конечното рангирање за сезоната 2020/21. Весна Пробиштип е зад водечката тројка во оваа конкуренција, а седмиот успех зелено-црните викендов го остварија кај Јанта волеј со 3-1.

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (Осмо коло)
Џио Струмица – Универзитет во Тетово 2-3 (21-25, 25-19, 25-22, 18-25, 11-15)
ГОК Борец – Вардар 3-2 (25-23, 17-25, 19-25, 25-22, 16-14)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (Осмо коло)
Шкендија – Лирија 1-3 (13-25, 27-25, 23-25, 22-25)
Дибра волеј – Штип УГД 1-3 (10-25, 11-25, 16-25)
Јанта волеј – Весна Пробиштип 1-3 (20-25, 25-21, 22-25, 13-25)