„Се изживуваа со нас, нѐ бркаа од сали, ни гасеа клима... кому му сметаме!?“

Селекторот на Одбојкарската федерација на Македонија, Никола Матијашевиќ, го најави настапот на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во Словенија, а истовремено покажа и револт за односот кон репрезентацијата за време на престојот во Скопје.

Одбојкарите менуваа сали, тренираа без клима, губеа термини... а тоа предизвика револт кај нашиот предводник, кој не сакаше да го скрие тоа под тепих пред заминувањето на континенталниот одбојкарски собир.

„Благодарнист до сите што ни помогнаа и што веруваат во нас. Имавме се што ни беше потребно во Маврово, но по враќањето во Скопје се беше поинаку. Не можам да ги игнорирам случувањата, многупати се запрашав на кого му сметаме со успехот. Бевме враќани од салата, не сум во тек со спортските и политичките случувања во нашата земја, но не е лесно да не враќаат од тренинзи, да ни исклучуваат клима на 40 степени, двапати од десет пати, многу е несериозно и тажно“, изјави Матијашевиќ.

Тој потоа се осврна кон настапот на ЕП.

„Нашите шанси на ЕП се исти како и претходно. Не бараме алиби поради условите и иако не е коректно, сепак, морав да кажам. Прв натпревар ќе ни биде натпревар со Финска, таму ќе ни бидат вперени сите наши мисли. Ќе одиме чекор по чекор“, заврши предводникот.

Македонија на историското ЕП ќе игра во група со Словенија, Финска, Русија, Белорусија и Турција, а првиот натпревар е на 12 септември, против Финците. Нашиот национален тим пред собирот ќе одигра пријателски мечеви со Австрија, во Виена.