Савовски: Нема да биде лесно, но ја прифаќаме фаворитската улога против Грузија

Македонските одбојкари денес патуваат за Тбилиси, каде в сабота во 14:00 часот ќе се соочат со Грузија во првиот од четирите квалификациски натпревари за Европското првенство. 

Нашиот среден блокер, Филип Савовски, смета дека Македонија е фаворит во овој дуел и не бега од одговорноста, велејќи дека се надева на две победи во првиот прозорец. 

„Влеговме во крајната фаза од подготовките за квалификациите и ги одбројуваме последните денови до натпреварот против Грузија. Имавме многу тежок циклус со напорни тренинзи и контролни мечеви.

Мислам дека сме соодветно подготвени и ја прифаќаме фаворитската улога, но сепак, ова се големи мечеви и мора да го дадеме максимумот за да го потврдиме нашиот статус.

Потоа ќе играме со Грција, тие се рамноправен ривал на Македонија, но сметам дека можеме да оствариме две победи и со едната нога да бидеме на Европското првенство“, смета Савовски. 

По мечот со Грузија, нашата репрезентација ќе се соочи со селекцијата на Грција. Овој меч ќе се одигра на 25 август во Скопје