Рутина за Вардар против Лирија на стартот од новата сезона

Екипата на Вардар очекувано славеше на првиот сезонски натпревар против Лирија (11-25, 17-25, 19-25). „Црвено-црните“ ја оправдаа фаворитската улога и ги запишаа првите бодови на своето салдо, во последниот натпревар од првото коло во новата сезона.

Самиот старт најави што ќе се случува на овој меч. Вардарци сериозно пристапија и ја казнија секоја грешка на противникот. Најубедлива беше разликата во првиот сет, во кој вардаровите одбојкари му дозволија на Лирија да освои само 11 поени. За нијанса понеизвесно беше во вториот, а рутинските 0-3 беа потврдени во третиот сет, кој Вардар го доби со 19-25.

„Црвено-црните“ се засилија со струмичкото репрезентативно трио Михаилов-Маџунков-Илиев, со поранешниот репрезентативец Јовица Симовски, со јапонски техничар и со либеро од Србија, па имаат состав којшто важи за еден од двата претендента за тронот. Скопјани ја користат почетната фаза од првенството за подготовка за настапот во Челенџ купот на ЦЕВ. Македонскиот претставник наредниот месец ќе игра со чешкиот тим Карлови Вари со надеж да биде рамноправен ривал и по можност да мине во наредната натпреварувачка етапа. 

Победи на стартот од новата сезона запишаа уште и бранителот на титулата Џио Струмица, Универзитет во Тетово и Шкендија.

Прво коло: 
УГД Студент – Џио Струмица 0-3 (16-25, 15-25, 20-25)
Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово 0-3 (17-25, 22-25, 13-25)
Шкендија – Дибра волеј 3-1 (25-14, 25-22, 23-25, 25-19)