Ричлиев останува во Џио Струмица: Цел ни е одбрана на двојната круна

Според препораките и протоколите кои однапред беа предвидени, одбојкарите на Џио Струмица ги почнаа подготовките за новата сезона во која основна цел ќе им биде освојување на националната двојна круна но и постигнување на што подобри резултати на европска сцена.

Тренерот Кире Ричлиев деновиве го продолжи договорот со струмичкиот клуб.

„Мислам дека создадовме силен состав кој треба да ја одбрани двојната круна во домашниот шампионат и успешно да ја презентираме струмичката и македонската одбојка во Евро Челенџ Купот. Ги вративме искусните репрезентативни играчи Милев и Михаилов а ги задржавме и останатите домашни играчи. Како клуб се пријавивме во Челенџ Купот и при крајот на месецов ќе ги дознаеме противниците. Се надевам дека ќе имаме среќа при извлекување на противникот“, вели Ричлиев за „drnka.mk“.

Џио Струмица ги продолжи договорите со Ристо Николов, Марјан Урдов, Тиме Ричлиев, Славе Наков, Филип Николовски. Актуелниот шампион на Македонија планира одигрување на контролни средби со екипи од Албанија и Србија, но се зависи од ситуацијата со пандемијата која во моментов ги диктира условите за одигрување на било тест натпревари. 

Клубот информираше дека младинската екипа ќе ја водат Михаилов и Попов, пионерите Костадин Ричлиев и Арабаџиков. Кај сениорите засилувањето Милев ќе ја врши и функција спротски директор, а како тренери и статистичари ќе бидат вклучени Ване Ристоманов и Јане Попов.